
Креативниот центар „Тинтири Минтири“ започнува со реализација на проектот „Тинтири Минтири
слетува во Аеродром“, преку кој деца и млади од Општина Аеродром ќе добијат можност да се
запознаат со филмската уметност, да развијат идеи и да учествуваат во создавање кратки
филмови заедно со професионалци од филмската сфера.
Проектот ќе вклучи најмалку 60 ученици од основните училишта од општина Аеродром. Преку
серија филмски работилници, менторски сесии и практична работа, учениците ќе поминат низ
процесот „од идеја до премиера“. Ќе работат на развој на идеја, сценарио, актерски вежби, однос
кон камера и снимање краток филм.
„Сакаме децата да не бидат само публика и пасивни учесници, туку автори на сопствените
филмски приказни. Филмот е моќна алатка преку која младите можат да кажат што мислат, што
чувствуваат и што сакаат да променат во својата средина,“ велат од Креативниот центар „Тинтири
Минтири“.

Во рамки на проектот ќе бидат снимени три кратки филмови кои ќе бидат прикажани на јавен
филмски настан на отворено во Аеродром. Проектот истовремено придонесува кон развој на
филмската и медиумска писменост, креативноста, тимска работа и поголема видливост на
младите во културниот живот на општината.
Проектот „Тинтири Минтири слетува во Аеродром“ на Креативен центар Тинтири Минтири се
спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 –
ReLOaD3, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на
Обединетите нации (УНДП). Проектот „Тинтири Минтири слетува во Аеродром“ е кофинансиран
од Општина Аеродром. Партнер во проектот е Здружението АРТ КУЛТ-УРА!





Македонски