Тинтири Минтири со радост објавува дека започнува со реализација на
двегодишен проект поддржан преку програмата Boost Grant: Грантови за
зајакнување на капацитети на организации, во рамки на проектот „Култура за
развој“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Хартефакт Фонд.

Проектот носи наслов „Систем за мониторинг, евалуација и учење за неформално
филмско образование“ и ќе се реализира во периодот 1 јули 2026 до 30 јуни 2028.
Со овој проект сакаме да го зајакнеме она што стои зад секоја наша работилница,
зад секое снимање и филмски проект, премиера или јавен настап – начинот на кој
работиме како организација, развивање на системи што ќе ни помогнат да бидеме
поорганизирани и појасни во комуникацијата со родители, училишта, партнери и
јавноста. Целта е нашите практики да ги усогласиме со релевантни европски и
меѓународни добри практики за безбедна, одговорна и квалитетна работа со деца
и млади. Во следните две години ќе споделуваме информации за процесот,
резултатите и промените што ќе произлезат од проектот.

Оваа поддршка доаѓа во важен момент за нас. Повеќе од дваесет години
работиме со деца и млади во областа на филмот, актерството, медиумската
писменост и креативното изразување. Низ нашите програми, работилници, јавни
настапи и филмски проекти секоја година вклучуваме повеќе од 100 деца и млади
во процеси што градат самодоверба, тимска работа, ја градат креативноста и го
зголемуваат културното учество. Но зад секоја работилница, зад секое снимање и
зад секој јавен настап стои нешто што публиката најчесто не го гледа:
организација, правила, документирање, координација, примена на безбедносни
процедури и постојано учење од искуството. Кога програмата расте и кога
содржината се збогатува, мора да расте и системот што ја поддржува.
Проектот е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на
Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.





Македонски