2025 со Тинтири Минтири
ЈАНУАРИ
Премиера што не беше само настан, туку момент на радост и заокружување
На 30 јануари ја имавме премиерата на документарниот проект „Она што ми се допаѓа кај тебе“. Тој ден — прикажавме и дел од нас: нашата работа, нашата верба дека приказните зближуваат. Снимивме филм што „зборува“ отворено, искрено и човечки.


ФЕВРУАРИ – ЈУНИ
30 снимени играни епизоди, многу снимачки денови , една завршна театарска претстава
Од февруари до јуни влеговме во силен снимачки ритам и снимавме 30 епизоди од емисијата Тинтири Минтири Шоу во студијата на Македонска телевизија. Паралелно со снимањето одржувавме и настава и подготвувавме драмски материјали за завршната јунска театарска претстава.
Овој период го паметиме по утрата кога стигавме на сет полузаспани, а си заминувавме со полни срца, моментите кога некој не си го научил текстот — па ќе го караме, ама и ќе се насмееме, па на крај ќе добиеме супер материјал, тимската работа каде што секој мал дел е важен за да постои целината, секоја реплика одиграна по многу пати, ретко од прва. А најмногу го паметиме растењето на децата. И нашето растење со нив.


ВТОРАТА ПОЛОВИНА ОД ГОДИНАТА
Ја започнавме учебната 2025/26 година, а воедно и премиерното емитување на новата сезона на Македонска телевизија.
Ден по ден, недела по недела, емисија по емисија… потрошената енергија при снамње се врати многукратно. Секојдневно гледаш насмеани деца и задоволни родители.

КРАЈ НА ГОДИНАТА
Последните два месеца ги поминавме во инензивни подготовки за нашата новогодишна претстава. Дел од децата за прв пат стапнаа на театарската сцена и работевме на тремата и ослободувањето, но и оние поискусните со возбуда се соочија со овој театарски предизвик. Создадовме слатко, енергично и искрено театарско доживување во кое и децата и публиката уживаа.






English