Овој правилник има цел снимањето да биде безбедно, организирано и пријатно за сите деца и членови на екипата.
Секое дете е дел од тимот и со своето однесување придонесува снимањето да се одвива успешно.

1. Доаѓање и заминување
- Секое дете треба да пристигне во договореното време.
- По пристигнувањето задолжително се пријавува кај организаторот на сет.
- Доколку детето доцни или нема да дојде, родителот треба навремено да го извести организаторот.
- Детето не смее самоиницијативно да го напушти местото на снимање.
- Заминувањето од сетот задолжително се пријавува кај организаторот.
2. Кога се снима
Кога режисерот ќе каже дека започнува снимање:
- сите што не се во кадар се тивки;
- не се разговара во близина на камерата;
- телефоните се исклучени или ставени на silent режим;
- не се поминува пред камера;
Кога ќе се слушне:
„Акција!“ – актерите ја започнуваат сцената.
„Стоп!“ – сцената завршува, но се чекаат следните инструкции.
3. Слушање на режисерските насоки
- За време на проба или снимање зборува еден човек.
- Децата внимателно ја слушаат режисерската насока пред да започнат.
- Ако нешто не е јасно, детето може слободно да праша.
- Не е проблем ако сцената треба да се повтори повеќе пати.
- Грешките се нормален дел од снимањето.
- Не се коментира или исмева грешката на друг актер.

4. Однесување кон другите деца
На сетот не се дозволени:
- навредување;
- исмевање;
- туркање;
- намерно попречување;
- криење туѓи работи;
- коментирање на изглед, тело, говор или актерска изведба на другото дете на навредлив начин;
- снимање или фотографирање друго дете без дозвола.
5. Безбедност на сетот
Децата:
- не ги допираат камерите, светлата, стативите, каблите, микрофоните и останатата техника без дозвола;
- не трчаат меѓу опремата;
- не седнуваат на куфери со техника;
- не преместуваат реквизити без договор;
- не се оддалечуваат сами од локацијата;
- не одат во недоговорени или небезбедни делови од просторот.
Особено на снимање на отворено, децата треба секогаш да останат во зоната определена од организаторот.
6. Реквизити
Реквизитите се дел од филмот.
- Се земаат само кога се потребни за сцената.
- По завршување на сцената се враќаат на определеното место.
- Не се користат за игра меѓу снимањата.
- Ако нешто се скрши или оштети, веднаш се кажува на организаторот.
- Не се кријат реквизити како шега.
7. Костими и изглед
Ако детето снима сцени што се случуваат во ист ден во филмот, неговиот изглед мора да остане ист.
Затоа:
- костимот не се менува без договор;
- не се вади или додава накит без дозвола;
- не се менува фризурата;
- не се валка или мокри костимот непотребно;
- не се зема туѓ костим;
- пред секое снимање се проверува дали изгледот е ист како во претходниот кадар.
8. Телефони
Телефоните може да се користат само:
- за контакт со родител кога е потребно;
- за задача поврзана со снимањето;
- за време на пауза, ако организаторот дозволи.
За време на снимањето телефоните треба да бидат на беззвучен режим.
Не се снимаат сцени од филмот и не се објавуваат фотографии или видеа од сетот без претходна дозвола од продукцијата.
9. Храна и пијалаци
- Децата треба редовно да пијат вода.
- Храна се консумира во определените паузи и простори.
- Не се внесува храна во кадар ако не е дел од сцената.
- Детето треба да го извести организаторот ако има алергија или нешто што не смее да јаде.
- Не се зема туѓ оброк без прашање.
- По јадење, отпадот се собира и местото се остава чисто.

- 10. Паузи
Кога детето не снима:
- останува во определениот простор за чекање;
- не се оддалечува без да каже;
- не создава бучава ако во близина се снима друга сцена.
Организаторот ќе ги повика децата кога треба да се подготват за следната сцена.
11. Ако детето е уморно, исплашено или нешто му пречи
Детето секогаш има право да каже:
- „Не ми е јасно.“
- „Ми треба пауза.“
- „Не се чувствувам добро.“
- „Ова ми е непријатно.“
- „Се плашам.“
- „Ми треба помош.“
Во таков случај треба веднаш да му се обрати на менторот, организаторот или друго назначено возрасно лице. Ниту едно дете нема да биде принудено да продолжи со активност ако постои реална причина поради која не се чувствува безбедно или добро.
12. Фотографирање и објавување
Фотографии и видеа од снимањето може да се прават и користат согласно претходно дадените согласности.
Децата не треба самостојно да објавуваат:
- делови од сценариото;
- необјавени сцени;
- видеа од снимањето;
- фотографии со други деца;
без согласност од организаторот и, кога е потребно, родителите.

13. Основно правило на сетот
На сет не сме сами. Секогаш размислуваме: Што правам јас? Дали му пречам на некого? Дали следната сцена може да започне навреме? Дали му помагам на тимот?
14. Пет правила што секој треба да ги запомни
1. Доаѓам навреме.
2. Кога се снима – сум тивок/тивка.
3. Ги слушам режисерот и организаторот.
4. Не се оддалечувам без да кажам.
5. Ги почитувам другите деца, екипата и опремата.
Нашето правило: Филмот е тимска работа. Камерата, режијата, актерите, звукот, светлото, организацијата и сите деца работат за една иста цел. Затоа најважни се: почитување, внимание, одговорност и тимска работа.



Македонски