Сподели го сонот: Тинтири Минтири Филм Фест од 10 до 12 јуни
Под мотото Сподели го сонот, од 10 до 12 јуни 2016, во Кинотека на Македонија, се одржa второто издание на меѓународниот филмски фестивал за деца Тинтири Минтири Филм Фест.
И оваа година на фестивалот се прикажуваa филмови за деца што ги снимаа членовите на филмското училиште Тинтири Минтири. Се прикажaa меѓународни филмови за деца, а се одржаа и работилници.
„Се обидуваме да изградиме ангажиран филмски фестивал за деца, нешто што е новитет не само во Македонија, туку и во светот. Фестивал на кој освен филмови за деца направени од филмски професионалци, публиката ќе може да види филмови создадени од деца, на високо професионално ниво. Со нашите ученици работиме и инсистираме да им изградиме што повисок критериум за филм. Ги запознаваме со сите аспекти на филмот, од идеја до финален производ. Децата можат да пренесат многу пораки, а филмот е еден од најпопуларните и најатрактивни медиуми за таа работа. Да ги слушнеме што имаат да ни кажат бидејќи за нив ја градиме иднината. Да им дозволиме да го споделат нивниот сон со сите нас“, вели м-р Кузман Кузмановски, директор на фестивалот и раководител на филмското училиште Тинтири Минтири.
Во рамки на фестивалот се прикажаа филмови од деца кои се пријавија на отворениот конкурс објавен од страна на филмското училиште Тинтири Минтири.
На 11 јуни се одржа работилница за деца за основи на филмско сценарио. Ментор на работилницата беше м-р Ева Камчевска.
Децата гледачи гласаа за најдобар филм и согласно нивните гласови беше одбран победничкиот филм.
Првото издание на меѓународниот филмски фестивал за деца Тинтири-Минтири Филм Фест се одржа минатата година, под мотото Филмови на големото срце.
Тинтири Минтири e филмско училиште кое ги детектира и активира креативните потенцијали на децата преку глумење, изработка на играни и анимирани филмови, радио драми, креативно пишување, од почеток до финален производ.