Не е потребно да сте професионален филмаџија за да снимите видео со green (blue) screen технологија. Прочитајте како успешно да ја употребите оваа техника доколку имате само камера и светло.
Green screen (blue screen) технологијата е основа на сите филмови кои изобилуваат со ефекти. Оваа техника е широко распространета и се користи во најновите холивудски филмови, но да речеме и кога се снима временска прогноза на телевизија. Идејата е едноставна – ако снимите видео со еднобојна позадина (најчесто се користи сина или зелена) и осветлена на правилен начин, во процесот на монтажа многу е едноставно позадината да се замени со било каква друга фотографија или видео материјал.
Со оваа техника станува можно да се телепортирате на Месечината или да се појавите во цртан филм. За да се постигне соодветен ефект потребна е рамна површина (ѕид, платно) со еднолична боја без сенки, камера и соодветно осветлување.
Осветлување
Светлото е една од најважните работи кога се снима видео со green screen техника. За што подобар резултат потребно е да се осветли и позадината и субјектот одделно, со посебни извори на светлина (рефлектори). При тоа треба да се внимава да се избегнуваат сенки од субјектот на позадината. Субјектот треба да биде оддалечен два до три метри од позадината. Во зависност од големината на субјектот се менува растојанието од субјектот до позадината. Запомнете, најважно е да се создаде светлина што не трепери и боја на позадината која нема сенки и не се менува заради светлината.
Доколку камерата е централно поставена кон позадината како во случајот погоре, светлата треба да бидат светени под агол од 45 степени кон позадината. Тогаш сте сигурни дека светлината нема да има рефлексија на камерата. При снимање на green screen видео, снимката мора да биде 100% стабилна, и за тоа најдобро е да се користи макера на статив.
Гардероба при снимањето
Најважно е на снимање никако да не носите облека со боја иста како позадината што ја користите при снимање. Најдобро е кога бојата е драстично различна или спротивна боја на позадината. Еве како би изгледала сликата ако не го почитувате правилото.
Позадина
При поставување на позадината, ,многу е важно да нема никакви искривувања и сенки на платното. Тоа ќе доведе до проблеми во постпродукција.
Доколку снимате акциона сцена со камера која што има послаба детекција на движење, може да се појават проблеми. Сцената во која има повеќе движење снимајте ја забавено или без нагли движења. Кажете им на субјектите да не прават остри движења. Ако се појави матна снимка во видеото, може да ја уништи снимката и да не го добиете посакуваниот ефект.
Постпродукција
За да го добиете посакуваниот ефект на видеото кога ќе го монтирате, потребно е да работите во некоја програма за видео монтажа.
Погледнете дел од видео материјалите во green screen техника работени со членовите на филмското училиште Тинтири Минтири.