Која е програмата според која работи филмското училиште Тинтири Минтири?

Програмата на филмското училиште Тинтири Минтири е плод на четиринаесетгодишен труд (теоретски и практичен) на полето на работата со деца во сферата на филмот. Досегашното искуство овозможува сигурност и уникатност во поглед на креирањето на содржини кои се дел од нашата едукативна програма. Во училиштето работи тим од педагози, режисери, созиолози и актери. Покрај едукативната компонента која се однесува на филмската уметност, голем акцент ставаме на воспитната компонента. Многу ни е важно децата да ги воведеме во филмската уметност преку практична работа. Всушност, тоа е она што им е навистина потребно и само на тој начин можат да ја почувствуваат магијата на филмот. А велат, кој еднаш ќе ја почувствува, никогаш нема да ја заборави.

dsc03860

Која е тајната на успешно и продуктивно снимање со деца на филмски сет?

Тајната се состои во создавање на релаксирана, но фокусирана работна атмосфера.

Кога се работи со деца на филмски сет, не важат истите правила како кога се работи со професионалци. Децата знаат да бидат немирни и се случува да им опадне концентрацијата кога се работи подолг период во континуитет, што е неопходно кога се снима. Снимањето филм е процес на повторување на исти реплики и движења во подолг временски период. Ова може да биде напорно за децата и да им создава дополнителна нервоза, со оглед на фактот што тие имаат потреба од почеста промена на амбиент, динамика на работа и содржини.

Заради тоа потребна е дополнителна подготовка кога се спрема снимање на сцена со деца. Треба однапред да се испланираат периодите на работа и паузите, оброците и одморите. Тоа во голема мера ќе ја олесни работата на целиот тим.

На снимањето е неопходно да има човек кој не е дел од филмската екипа, туку чија задача е постојано да биде со децата. Одење во тоалет, пиење вода, храна… тоа е само дел од ангажманите на човекот задолжен за децата.

dsc03884

Кога се работи со деца на сет треба да се има одлучен став, но и нежен и внимателен пристап. Најдобро е пред снимањето да се посвети индивидуално време на секое дете и да му се објасни што точно се бара од него и кои му се работните задачи.

Хумор на сет – тоа е една од тајните на работата кои многу можат да помогнат. Смеењето ги релаксира и одмара децата. Доколку на снимањето е вклучено дете кое е хиперактивно, корисно е кога ќе му се даде одредена дополнителна задача која ќе го фокусира.

Тајната се сведува на градење заедничка доверба и желба идејата да стане стварност. Потребно е децата да го засакаат процесот на создавање на филм. Од голема помош е кога самите деца стануваат активни создавачи на сценариото, а особено на филмските дијалози, пред се за да можат полесно да им „легнат“. Од друга страна децата поавтентично глумат кога не го знаат текстот на памет, туку само отприлика знаат што се случува. Тогаш се поприродни и глумата им е поверодостојна.

Напредни филмски техники со деца

Како филмско училиште чувствуваме одговорност и предизвик да ги воведеме нашите членови во филмската уметност на соодветен начин. Работиме се деца од 6 до 18 години, а дел од нив се наши повеќегодишни членови. Со овие деца кои веќе во голема мера ги владеат основните филмски техники, работиме напредни техники. На пример, често користиме трик снимања и “green screen / blue screen” – техники, комбинираме анимација и реално филмско дејство и се обидуваме да ги мотивираме самите да ја формираат структурата на филмот. Развиваме филмско сценарио и создаваме дијалози дури и со најмалите наши членови. Исто така правиме филмови во кои комбинираме жанрови и медиуми. Се со цел да им го отвориме филмскиот волшебен свет и палетата на можности на идните филмаџии во Македонија.

Повеќе за програмата и уписите на филмското училиште Тинтири Минтири можете да видите тука.