Во периодот од 26 јуни до 3 јули 2015, на падините на планината Китка и на неколку други локации се снимаше македонската филмска авантура за деца под името „Потрага по загубеното богатство“.
Овој филм е според сценарио и режија на м-р Кузман Кузмановски, а во продукција на Аурипигмент продукција од Скопје и Детскиот Креативен Центар Тинтири Минтири. Главните улоги во филмот ги толкуваат актерите Билјана Јовановска и Владо Дојчиновски, како и десет деца членови на Тинтири-Минтири од цела Македонија. Директор на фотографија е снимателот Кирил Шентевски.
„За седум денови интензивно снимање успеавме да завршиме. Морам да нагласам дека децата актери во овој филм заслужуваат пофалба, бидејќи за нив ова е голем напор, како физички, така и ментален и тие дадоа сè од себе. Практично го дадоа својот максимум. Мислам дека снимивме одличен материјал и дека филмот ќе биде многу интересен за сите деца“, вели Кузмановски, режисер на филмот.
Филмот кој летово се снимаше според жанрот е авантура/комедија.
Снимањето беше организирано во рамки на филмскот камп за деца во с. Градовце, општина Зелениково, кој немаше да се одржи доколку ја немаше поддршката од Виталиа, која обезбеди здрави оброци за децата.
Освен тоа што учествуваа во снимањето како актери, децата имаа можност да се стекнат со основни знаења околу тоа што е филмски кадар и план, какви ракурси постојат и многу други работи.
„Уште еднаш ни се потврди фактот дека ако нешто работиш со љубов, напорот не го чувствуваш, а финалниот производ е максимален“, вели Кузмановски.