Креативната работа се работи единствено со многу љубов и уживање
Идивиди имаше чест и задоволство да поразговара со Кузман Кузмановски, раководител на Тинтири Минтири. Тој ни ги откри плановите за новата учебна година, но и проектите кои заедно со учениците ги создава за во иднина.
Неодамна ги започнавте уписите за нови членови во Филмското училиште Тинтири Минтири и Аурипигмент продукција. Што сè нуди Тинтири Минтири за сите оние кои размислуваат да ги запишат своите деца во училиштето и кои се критериумите кои децата треба да ги исполнувуваат?
-Уписите се во тек и веќе почнавме да ги формираме групите кои во оваа учебна година ќе ги создадат новите содржини на нашето училиште. За оние што не знаат, Тинтири Минтири е филмско училиште кое работи со деца од 6 до 18 години. Работиме содржини во сферата на аудио визуелната дејност, а акцентот е ставен на филмска и тв глума. Значи, сите деца кои имаат меѓу 6 и 18 години и имаат желба да научат како да станат филмски актери, сценаристи, режисери, сниматели, аниматори, како да изградат однос кон камера, како да се ослободат за јавен настап, можат да се запишат во нашето училиште. Тинтири Минтири воедно е и инкубатор на таленти, што значи дека ги насочуваме и мотивираме децата да работат на особини и дарби за кои можеби не се ни свесни дека ги поседуваат, ни тие ни нивните родители. Верификацијата на нивниот труд се случува на фестивалот Тинтири Минтири Филм Фест, кој секоја година се одржува во месец јуни во Кинотека на Република Македонија. Ова значи дека најдобрите сценарија кои ќе излезат во текот на школската година се гледаат на филмското платно. Сето ова е зачинето со добра дружба и многу смеење, бидејќи станува збор за креативна работа, а таа се работи единствено со многу љубов и уживање.
Каде ќе се одржуваат часовите за учесниците во Филмското училиште Тинтири Минтири и Аурипигмент продукција?
-Оваа година часовите ги држиме во просториите на Македонска телевизија, во телевизиско студио. На овој начин децата од близу имаат можност да се запознаат со ентериерот кој го користиме за снимање. Покрај стандардните часови, многу често се случува да работиме на терен. Не ретко содржините што ги работиме ги снимаме на други локации – во природа, на улица кога е потребна урбана атмосфера, во училиште и сл.
Кои се придобивките за едно дете по посетувањето на филмското училиште, покрај социјалната интеракција со деца на слична возраст и можноста да научат нова потенцијална струка и техники кои ќе им користат во понатамошниот тек од животот и кариерата?
– Се сомневам дека сите наши членови кога ќе пораснат ќе станат филмски работници. Но, уверен сум дека секој од нив поединечно има огромни продобивки од членувањето во Тинтири Минтири. Една од најважните придобивки секако е стимулација на креативно размислување, нешто што во понатамошниот тек на животот ќе послужи за брзо надминување на непредвидените ситуации и пречки. Секако придобивка е и стекнување на самодоверба и градење на сигурен настап во јавност, нешто што е неопходно да го поседува секој во денешно време, без разлика за која професија ќе се одлучи во животот. Друга важна придобивка за нашите членови е можноста да работат тимски и во група. Филмот е тимска уметност и за да можат да направат добар филм, едноставно децата мораат да соработуваат. На часовите по актерство тимската работа е во центарот на вниманието. И најсамоуверените, кои преферираат сами да ја завршат работата, и оние кои имаат чувство дека не се вклопуваат во групата, се ставени во ситуација да мораат да соработуват со други за да имаат успешен настап. Нашите членови постојано ги ставаме во голем број ситуации со кои немаат можност да се соочуваат секојдневно. Ова е вредно искуство кое ќе им помогне да се снајдат секогаш кога ќе се најдат во нова животна состојба.
Инаку тимот кој работи со децата има за задача да применува современи дидактички методи и педагошки принципи. Веруваме дека кога станува збор за деца, неопходна е строга педагошка контрола на целата програма и затоа инсистираме на ваков курикулум.
Во моментов членовите на училиштето Тинтири Минтири ја снимаат играната серија за деца „Вистински приказни“ која наскоро ќе започне да се емитува на Македонската телевизија. Кажете ни повеќе за тој проект…
– Идејата за овој проект се роди многу спонтано. Одговорните од Македонската телевизија имаа слух за нашиот обид да направиме исчекор во македонската телевизиска продукција за деца и да снимиме серија за деца во која главните улоги ќе ги имаат децата. Станува збор за авантуристичка серија во 20 продолженија. Ова лето успеавме да снимиме поголем дел од епизодите од првата сезона. Наша приоритетна задача во серијата „Вистински приказни“ е децата кои учествуваат како актери да делуваат природно и неусилено пред камера. Интересно е што многу често се случува да правиме измени во сценариото на лице место, за време на снимањето, само заради тоа што децата кои глумат во одредена сцена добиле инспирација и додале / одзеле нешто од текстот, со свои зборови. Иако не е според првобитниот договор, изгледаат уверливо кога зборуваат и гледачите ќе им веруваат. Се надеваме дека наскоро ќе можат да се видат првите епизоди од серијата на Македонската телевизија.
Децата кои ќе станат дел од Тинтири Минтири ќе добијат можност да ги покажат своите таленти и во останатите струки на филмската уметност. Пишување на сценарио, режија, креативно пишување, однос со камерата, водителство, анимација…Од досегашното искуство, кои области се најбарани од децата кога ќе ви пристапат за упис во Тинтири Минтири?
– Повеќето од децата кои се запишуваат во Тинтири Минтири сакаат да станат актери. Честопати тие и не се свесни дека поседуваат и талент за пишување, на пример. Кога ќе навлезат во содржините кои ги работиме и кога ќе имаат можност да остварат контакт со професионалци од други филмски сфери (филмска и тв шминка и фризура, аниматори, драматурзи), децата пројавуваат интерес и за пишување сценарио, некои од нив за режија и за анимација. Затоа Тинтири Минтири освен што работи како класично филмско училиште, работи и како инкубатор на деца таленти во аудио визуелната сфера. Инаку од годинава филмското училиште Тинтири Минтири е поддржано и од Агенција за филм на Република Македонија.
Што треба еден иден актер да знае за самата професија? Тоа секако не е „обична“ професија со работно време од 9 до 5. Кои си придобивките и мааните кај глумата како идна професија?
-Во професионалните кругови се говори дека режисерите треба да знаат од секоја област по нешто, додека актерите за да бидат на врвот треба да знаат се’ за се… Во Тинтири Минтири се обидуваме да ги насочиме децата кон правилна мотивација. Тоа подразбира дека за да добијат статус на добар актер или уште повеќе – актер ѕвезда, тие треба напорно да работат. Значи, талентот не е доволна предиспозиција. Исто така се обидуваме да објасниме дека не постои правило според кое ако актерот е искусен и добар, мора да добие главна улога. Секоја улога и секое место во едно филмско дело е еднакво значаен сегмент за да може филмот да функционира како целина. .
Од Холивуд често дознаваме за лошиот третман на децата актери и за нивната транзиција кон повозрасни улоги. Таа не секогаш е „глатка“, па голем дел од нив потоа се борат со пороците и негативниот публицитет. Дали во Филмското училиште Тинтири Минтири децата ќе имаат советување од психолози, а не само од професорите по зададените часови?
– Тимот на Тинтири Минтири освен режисери и актери вбројува и педагог и социлог, што можеби е од клучно значење за нашата дејност. Девијантните појави кај деца актери, па дури и кај возрасни актери најчесто се јавуваат од немањето капацитет да се справат / носат со славата што е составен дел / придобивка на оваа професија. Никогаш ниту еден актер или уметник не смее да заборави дека претставува само инструмент преку кој говори Трансцедентот. Уметниците можат да го впијат онолку колку што тој ќе им се даде. На децата секогаш треба да им биде пред очи приказната за Рибарот и рипката. Старецот се доби од златната рипка, но се изгуби во моментот кога стана крајно неблагодарен.
Кои се соработниците на Тинтири Минтири кои ќе придонесат во едукацијата на идните членови? На официјалниот сајт ги видов имињата на Тони Михајловски, Ванчо Петрушевски и Катерина Илиевска…
-Тинтири Минтири соработува со голем број актери и филмаџии од македонската уметничка сцена. Неблагодарно е да ги набројам сите, зошто сигурно ќе заборавам некого. Но, едно можам да кажам – нашите членови уживаат на средбите со сите наши соработници, стекнуваат искуство од професионалци кои поседуваат големо знаење во својата професија.
Целиот текст прочитајте го на Идивиди.
Креативен центар „Тинтири-минтири“: На децата им ја пренесуваме љубовта кон филмот и филмската уметност
Секој од нас ужива во работата, најмногу поради тоа што на секој час е евидентен напредокот и љубовта што децата ја развиваат кон филмот и филмската уметност. Toa што ни ја носи најголемата радост е дека сме успеале да им ја пренесеме љубовта кон филмот и дека, можеби, еден ден тие ќе станат македонски филмаџии – режисери, актери, сценаристи, сниматели, костимографи или шминкери, вели првиот човек на креативниот центар
Kреативниот центар „Тинтири–минтири“ постои веќе 13 години. Центарот почнал како патувачки куклен театар за деца, за потоа да се развие во игротека каде што се одржувале креативни часови за деца и креативни родендени. Децата што порано беа дел од „Тинтири-минтири“ учествуваа во популарните играни серии „Патувања со рабробил“ (2004) и „Патувања со раброобус“ (2006), во ТВ-мозаикот „Тинтири-минтири шоу“, театарската претстава „Херојот Коки“ и во многу други проекти. Денес „Тинтири-минтири“ е училиште за филм. Кузман Кузмановски, магистер по филмска и телевизиска режија на Факултетот за драмска уметност е основач на креативниот центар „Тинтири-минтири“. Центарот ја подготвува играно-анимираната серија за деца „Вистински приказни“. Серијата се работи во копродукција во Македонска телевизија. Станува збор за содржина што ги промовира традиционалните вредности: семејството, дружењето, помагањето и заедништвото, нешто што со години недостига во македонскиот етер.
На која возраст треба да бидат децата што можат да се пријават и да учествуваат во сите активности што ги нуди Центарот?
КУЗМАНОВСКИ: Во него можат да членуваат деца на возраст од 6 до 14 години, а работата е организирана во групи според возраста и интересите. Групите се сочинети од 10 до 15 деца, број доволен за да се произведе едно аудио-визуелно дело. Со помалите групи работиме актерски вежби, вежби за ослободување, меморија, концентрација, креативно пишување и слично. За поголемите групи и предизвикот е поголем. Ако помалите учествуваат како актери во готово аудио -визуелно дело, повозрасните деца имаат за задача да напишат сценарио, да ги разработат ликовите во него и потоа користејќи го здобиеното знаење за планови, композиција на кадар т.е. филмски јазик и слично да го снимаат својот филм. Се разбира, тие и ќе глумат во филмот. Следејќи го интересот и на средношколската популација интензивно работиме на „нивната“ програма во КЦ „Тинтири – минтири“ и ако се биде во ред ќе ја почнеме од септември.
„Тинтири-минтири“ не е само училиште за актери, туку во овој Центар децата може да ги отворат своите видици и да се запознаат со многу други професии со кои би можеле да се занимаваат во иднина. За што најмногу се интересираат Вашите членови?
КУЗМАНОВСКИ: Нашата основна цел е кај членови да ги детектираме, развиеме и насочиме нивните креативни потенцијали преку работа на филм. За таа намера часовите се организирани во форма на филмски работилници на кои членовите учат како се создава едно аудио-визуелно дело од почеток до крај. Освен тоа, како посебен сегмент што буди интерес кај поголемиот дел од членовите е и анимацијата и тоа особено стоп-анимацијата, која се изведува со трик-снимање. Покрај практичната работа што доминира на секој час, дел од активностите се теоретска настава, се разбира интерактивна и преку фото и видеоматеријали. Зачудувачки е интересот што децата го пројавуваат и за овие теоретски делови, за кои очекувавме дека нема да привлечат толкаво внимание. Сепак, најпопуларни меѓу нашите членови се активностите директно поврзани со глумење и однос кон камера. Креативното пишување, исто така, е сфера во која се истакнуваат многу поединци. Идејата ни е да ги запознаеме децата со секој аспект од работата во филмската и телевизиска уметност. Многу деца што, во принцип, не сакаа да пишуваат, по часовите за креативно пишување почнаа да пројавуваат интерес и за оваа работа. Во сите активности внимаваме да го завардиме педагошкиот пристап, затоа што во работата со деца тоа има приоритет. Нашиот заклучок од досегашното искуство поради големиот интерес и големиот број членови е дека децата се желни за знаење и за учење за филмот и филмската уметност, сакаат да создаваат и знаат да направат одлични работи доколку бидат правилно насочени.
Во јуни треба да се одржи меѓународен филмски фестивал за деца во Кинотека на Македонија. Каква е агендата, што ќе има на Фестивалот?
КУЗМАНОВСКИ: Македонскиот интернационален филмски фестивал за деца „Тинтири-минтири филм фест“ произлезе од потребата децата што се членови на центарот да се претстават со своите филмски дела и нивниот труд да се верификува како еден педагошки чекор во целиот процес. Нашата позитивна намера ја препозна Кинотеката на Македонија и ни понуди несебична партнерска соработка. Поради искуството што нашиот тим веќе пет години го гради со организирање на меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје фест“, решивме и на овој нов фестивал за деца да му додадеме меѓународен карактер. Програмата ќе биде поделена во два дела – филмови направени од деца (детски филмови) и филмови направени за деца – интернационална програма со натпреварувачки карактер, каде што посетителите – деца ќе можат да гласаат за најдобриот филм. При крај е пријавувањето на објавениот повик, на кој се пријавуваат филмови, буквално, од цел свет. Фестивалот ќе се одржи на 5, 6 и на 7 јуни во Кинотека на Македонија. Освен проекциите на филмови, ќе бидат организирани и неколку филмски работилници за деца.
Ја подготвувате и играно-анимираната серија за деца „Вистински приказни“. Каде ќе се емитува серијата и до каде е снимањето?
КУЗМАНОВСКИ: Играно-анимираната серија за деца „Вистински приказни“ е дело на кое многу долго време зрееше во мене. Серијата ја работиме во копродукција со Македонската телевизија. Станува збор за содржина што ги промовира традиционалните вредности: семејството, дружењето, помагањето и заедништвото, нешто што со години недостига во македонскиот етер. Веќе направивме аудиција за деца-актери и уште пред извесно време ги објавивме резултатите. Се пријавија повеќе од 250 учесници, а мноштвото од нив беа исклучително талентирани. Затоа ни беше многу тешко да донесеме одлука кој ќе биде вклучен во серијата. Поради големиот интерес и потребата да вклучиме што поголем број деца вршам дополнителни измени во сценаријата.
Во „Тинтири-минтири“ имате и соработници, познати актери, текстописци. Кажете ни нешто повеќе за тоа…
КУЗМАНОВСКИ: Соработуваме со врвните уметниците од аудио-визуелната област: актерот Тони Михајловски, текстописецот и драматург Огнен Неделковски, актерката Кети Илиевска и многу други. Тие ја почувствуваа нашата искрена намера да ѝ се „подметнеме“ на најмладата популација и да ѝ понудиме нешто што досега го немало во Македонија и затоа за нивната поддршка ние сме им, навистина, многу благодарни. Децата уживаат да учат од докажани и успешни уметници затоа што нивното искуство е само по себе сведоштво, своевиден рецепт за тоа како се стига до целта – да го работиш тоа што го сакаш, но и да го сакаш тоа што го работиш.
Какво е Вашето искуство од работата со децата? Каде се емитуваат нивните снимени материјали?
КУЗМАНОВСКИ: Поради природата на работата на часовите постојано се користи аудио-визуелна опрема – камери, фотоапарати, студиски светла, проектори, монтажни столови и сл. На тој начин тоа им станува природна атмосфера на децата и така се гради „односот кон камера“, се губи тремата и децата почнуваат слободно да се изразуваат иако целото внимание на снимањето е вперено во нив. Материјалите што ги снимаме тековно, од вежбите, постојано ги објавуваме на нашиот канал на „Јутјуб“, на страницата на „Фејсбук“ и на профилот и на веб-страницата на центарот. Освен тоа, ќе ја почнеме соработката со две многу популарни македонски веб-страници на кои ќе се презентира работата на децата, а и ние се екипираме и подготвуваме специјализиран ТВ-канал за деца на интернет. Основниот тим ни е составен од четири члена, кои се постојно со децата – режисер, педагог, социолог, координатор и снимател. Секој од нас ужива во работата, најмногу поради тоа што на секој час е евидентен напредокот и љубовта што децата ја развиваат кон филмот и филмската уметност. Тоа што ни ја носи најголемата радост е дека сме успеале да им ја пренесеме љубовта кон филмот и дека, можеби, еден ден тие ќе станат македонски филмаџии – режисери, актери, сценаристи, сниматели, костимографи или шминкери.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Извор: Република
Новитет во Македонија: Деца сами снимаат филмови за деца (ФОТО)
Тишина, камера, акција… беа зборовите што ги изговори детски глас во скопската населба Аеродром, каде што налетавме на снимање на една филмска сцена. Зад камерата, микрофонот, осветлувањето, на режисерската позиција, како и пред камерата беа деца. Работеа на својот нов филм “Сè се враќа, сè се плаќа”.
Целиот текст прочитајте го на Телеграф.мк.