Еве десет совети и факти кои ќе ве воведат во една од најпосакуваните професии – актер.

1. За да заработат добро, актерите не работат само на филм, во телевизија или во театар, туку честопати во забавни паркови како маскоти, на детски родендени и во  разни клубови.
 2. Една од најтешките, но и најпосакувани работи за актерите е да добијат статус на добар актер или уште повеќе – актер ѕвезда. Голем труд е потребно да се вложи за да се постигне стабилност во актерската професија. И не постои правило според кое ако актерот е искусен, ќе добие главна улога. Некогаш и познатите актери се појавуваат во споредни улоги.
3. Ако сакаш да бидеш актер, соочи се со фактот дека нема да имаш „нормално“ работно време. Актерите не работат од 8 до 16 часот, вообичаено работно време за повеќето професии. Често актерите работат навечер и за викенди – тоа се потребите на снимањето на филмот, или тогаш доаѓа најмногу публика која сака да ја гледа претставата.
 
 4. Актерот треба да знае брзо да се снајде во непредвидена ситуација. На пример, често се случува да имаат само неколку минути да ги научат напамет репликите.
5. На добар актер потребна му е добра физичка подготвеност. Некогаш во студио е толку жешко од рефлекторите што тешко ќе издржи некој без кондиција. Или пак во театар костимите знаат да бидат тешки и потребна е физичка вежба  за да се поднесе напорот.
lindsay-adler-photography_EE8A6000
6. За да станеш добар актер, потребно е образование и едукација на темата. Постојат филмски училишта кои овозможуваат соодветна актерска обука, како за деца, така и за студенти, па и за повозрасни.
7. Многу често искуството на актерот му помага да изгради добра улога. Актерите знаат да се повикуваат на ситуации кои им се случиле за да се соживеат со некоја улога.
8. Постојат техники кои актерите ги учат за да можат да заплачат кога улогата го бара тоа од нив. Најчесто ги користат следните „техники за плачење“: актерот ја навраќа меморијата на некои тажни моменти од својот живот и со тоа му навираат солзи; кога актерот сосема ќе се внесе во улогата што ја игра, солзите навираат како резултат на сочувство; кога ништо од ова не помага, постои маст од ментол што се мачка под очите и предизвикува солзење на очите, кое комбинирано со актерска глума создава ефект на плачење.
9. Да се биде актер комичар е многу потешко отколку што можеби личи на прв поглед. Колку и да е смешно сценариото, кога се глуми пред публика може да не се постигне саканиот ефект – едноставно публиката да не се смее. Еве еден совет за оние што сакаат да се бават со комедија: ако сакаш да бидеш смешен, немој да се смееш. Само сериозно изречените смешни реплики ќе предизвикаат смеа кај публиката. Исто така не е смешно кога актерот на сцена премногу, очајно се труди да биде смешен. Потребна е спонтаност за да се постигне ефектот.
10. Ако некој не знае да биде смешен пред камера, можеби одлично ќе одглуми некоја драматична тажна сцена. Не секој актер може да се најде во секаков вид на улога. Потребна е самоанализа, да се види кои улоги му лежат а од кои да се држи понастрана.