Замисли си по напорната учебна година да поминеш неколку дена во природа снимајќи филм!

Шатори поставени во круг на зелена трева, на чист воздух. Во средината логорски оган кој навечер нè грее, а дење ни служи за подготовка на вкусна скара. Спиеме во вреќи, во шатори. Секоја вечер кино на отворено. Веќе мириса на вистинска летна авантура. Во близина на кампот се наоѓа едно старо село во кое неколку кокошки несат свежи јајца што ќе ги јадеме за појадок, козите ни даваат млеко со кое ќе се разладиме на летната жега додека снимаме. И потоа, најслатко се спие откако околу огнот ќе си раскажеме интересни приказни што ја скокоткаат фантазијата.

А еве ја кратката содржина на филмот „Леб и сол – ла, си, до!“ кој ќе успееме да го снимиме во период од 5 дена престој во природа:

Група деца се на кампување во шатори. За време на престојот учат вештини со кои можат да преживеат во природа. Но едно утро забележуваат дека целата храна потребна за кампувањето ја нема. Дали некој ги следи или инструкторите сакаат да се пошегуваат со нив? Сепак, храна нема цел ден… На разочарувањето му нема крај. Дали да се вратат дома, да се откажат или сепак да најдат начин да останат на кампот за кој толку долго се подготвуваа?!! Доаѓаат до идеја да го посетат блиското село и на најразлични начини да се обидат да се снајдат со храна. Но тие не знаат да собираат јајца од кокошарникот, или пак да ја молзат козата… Дали ќе успеат во нивната мисија да издржат до крај?.

Летниот филмски камп е наменет за деца од 8 до 12 години, со и без искуство пред камерите. Ќе се реализира во село Соње оддалечено околу 15 километри од Скопје во периодот од 25-ти до 29-ти јуни 2024 година.

Сместување и храна: Децата ќе бидат сместени во шатори кои ќе бидат обезбедени од страна на организаторите, во камп во атарот на една викендичка, со пристап до струја, тоалет и техничка вода, и со опција за престој на затворено во случај на невреме. Обврска на секој учесник да си донесе вреќа за спиење и подлога. Кампот вклучува престој за време од 5 дена со 4 ноќевања. Во цената се опфатени и три оброци, ужинки меѓу оброци, овошје, сокчиња и вода во секое време. Обврска на родителите е да ги донесат децата првиот ден и да ги земат на крајот од кампот од и до локација која ќе им биде посочена.

Активности: За време на престојот ќе се сними краткиот игран филм „Леб и сол – ла, си до!“ Децата ќе имаат можност да работат со актер на своите актерски вештини, да соработуваат со извидниците и да учат вештини за преживување. Снимањето ќе се одвива во природа и во делови од селото Соње. Ова е една вистинска летна рурална авантура, а воедно и незаборавно филмско искуство, дружба и забава.

Кино премиерата на филмот и доделувањето на сертификатите ќе се реализира во септември 2024 година.

Пријавување на ЛИНКОТ.