Натпреварот за најдобра изведба на монолог кој се одржа на 25 ноември 2017 година уште еднаш докажа дека децата и младите во Македонија имаат многу талент и се мотивирани да создадат прекрасни дела доколку им се овозможи верификација на трудот.

Вкупно 87 деца и млади на возраст од 6 до 20 години од цела Македонија земаа учество на овој натпревар. Жири комисијата во состав на актерката Благица Димитровска, актерот Дритон Вејсели и режисерот Кузман Кузмановски застанаа пред предизвикот да одлучат кои актерски ѕвезди се претстават со најголем сјај.

„Монологот е специфична и доста тешка актерска задача, која бара многу посветеност и концентрација, дури и за најголемите професионалци. Децата се покажаа достојни на зададената задачата и сите успешно се представија без исклучок. Поголемиот дел од нив дури сами ги напишаа монолзите, што е дополнителен позитивен исчекор. Јас сум пресреќен што имам можност да работам со вакви телентирани деца, во кои се препознаваат идни квалитетни филмски работници.“, вели Кузмановски, член од жири комисијата и раководител на филмското училиште Тинтири Минтири.

Натпреватор се одвива во две етапи, а во саботата заврши првата етапа. Во втората етапа гласањето за најдобар монолог може да го дадат гледачите, кои наскоро ќе можат да ги видат монолозите преку Јутуб.

Во групата на возраст од 6 до 9 години учествуваа 24 деца кои изненадија со своите изведби и заради тоа жики комисијата едногласно одлучи на сите да им додели прво место.

Во групата на возраст од 9 до 12 години првото место го освои Ивана  Дојчиноска, второто место го поделија Нина Неделкова и Вероника Митреска, а третото место им припадна на Бисера Илиева и Ведран Старковски. Специјална награда во оваа категорија добија Костадина Арабаџи, Теона Митковска, Ивона Миливојевиќ, Лара Костовска, Илија Несторовска, Горазд Трпковски и Кристина Трајковска.

Во групата на деца и млади на возраст над 12 години првото место го освои Миа Раковиќ, второто место го поделија Димитриј Анѓеловски и Иван Илиевски, а третото место го добија Миа Ристовска и Андреј Петковски. Специјални награди добија Јелопи Седеу Нишевиќ, Теона Китановска и Филип Ѓурчиновски.

Настанот се одржува по втор пат  и е во организација на продукцијата Аурипигмент и филмското училиште Тинтири Минтири.

Наградите за овој настан ги обезбедија Винчини, Книжарница Култура, ДМ маркети, книжарница Три и Виталиа.